Ирационални убедувања после прекинувањето на врската или бракот

Иако е пожелно да се има партнер, да се биде во среќна врска или брак, да се сака некој и со него да се споделува животот, понекогаш врските и браковите не успеваат. Партнерот може да замине, а другата страна да остане напуштена. Да се биде напуштен е тешко и нормално е во однос на тоа да се почувствува тага. Но, ако заради губиток на партнерот чувствувате самосожалување и безнадежност, имате барем некои од следниве ирационални убедувања: 

1. „Ти не смееш да ме отфрлиш, а ако ме отфрлиш, мора да постои нешто што е многу погрешно во врска со мојата личност, нешто што ме прави целосно неадекватна и која во иднина не заслужува да ја сака некоја добра личност“.

2. ,,Ако сум привлечна и компетентна личност, морам да бидам во можност да ја освојам љубовта на личноста која навистина ја сакам, а затоа што сум ја загубил љубовта на саканиот партнер, јас сум неатрактивна и непривлечна личност“.

3. „Мене, мојот партнер ми е неопходен токму во овој момент, сега и веднаш за да можам да бидам среќен/на.“

4.„Затоа што мојата врска пропадна, јас сум целосен губитник“.

5. „Никогаш нема да се појави никој како него/неа, а јас морам да имам некого баш таков“.

6. „Другите луѓе ќе ме отфрлат затоа што сум се развел/а, ќе го загубам своето семејство и пријателите, а тоа не можам да го поднесам“.

Овие ирационални мислења се само срж на мислењето на луѓето кои се депресивни заради губиток на љубовта. Кога прв пат ќе ги прочитате, тие може да ви звучат за претерани и да помислите дека воопшто не размислувате на таков начин, независно од фактот што сте депресивни. Овие ирационални убедувања се сржта на ирационалнит мисли, а мислењето е комплексна појава, за која човек не е секогаш свесен. Често, нашиот внатрешен говор е незавршен или непотполн, но ако длабоко ги испитате вашите ставови и вредности, сигурно ќе пронајдете некое ирационално убедување. Секое ирационално мислење има некое апсолутистичко барање кое може да се препознае низ изјавите како: „морам“, „треба“, „има да“ или низ некоја идеја на ужаснување, неподнесување или самообезвреднување, ако тоа барање не се исполни.

На оставената личност после раскинувањето секогаш и е тешко, но ако почне да мисли на ирационален начин, само ќе си ги удвои своите потешкотии. Кога ќе го изгубите саканиот партнер, покрај признанието дека тоа е непријатна и неповолна ситуација, би било многу корисно да си го признаете фактот дека неповолно не значи и ужасно и дека она што тешко ви паѓа не е неподносливо, како и тоа да што многу сакавте бракот или врската да ви успее, навистина не значи дека морал/а да успее, односно не смеел/а да биде прекинат/а .

Престанете, затоа што врската не ви успеала, самите себеси да се доживувате за губитник. Причините заради кои партерот заминал може да имаат или воопшто со вас да немаат врска. Не треба да стравувате од мислењата на другите околу вашиот развод или прекината врска. Секогаш ќе има некои кои тоа ќе го осудат, критикуваат и слично. Треба да знаете дека ваквите личност кои за себе си земаат улога на „судии“, тоа што за вас го говорат, всушност се однесува на нив самите.

Ако после прекинот се чувствувате тажно, депресивно,чувствувате вина,лутина, а тие веќе извесно време, не минуваат или сте оптеретени со ирационални мислења, ве советуваме да побарате стручна психолошка помош.

Поврзани блог статии