Прекинувањето на врската и осаменоста


Зошто на некои луѓе им преставува проблем да бидат сами после прекинувањето на врската? Зошто веднаш после прекинувањето, па дури и пред него, влегуваат во врска со нов партнер, за да не останат сами? Дали тоа нешто за нив говори? И дали тоа е добро?

Луѓето кои веднаш пред прекинувањето на врската или дури и за време на нејзиното опстојување си наоѓаат нов партнер само за да не останат сами, во основа многу се плашат од осаменост. За нив, да се биде сам е нешто ужасно, нешто што неможе да се издржи. Но, зошто кога е во прашање самотноста, луѓето ги зафаќа чувство на паничност? 

После прекинување на врската следи период на тагување, а тагата во основа е непријатно чувство. За некои и самата помисла дека ќе ги зафати период на тагување после прекинување на врската, сама по себе е ужасна. Тие, погрешно мислат дека тагата ќе ги преплави, дека толку многу ќе бидат тажни, што нема да бидат заинтересирани за други, за живот и слично. Ова, секако не е точно. Тагата има брановито делување, а не се јавува секој ден, на начин со кој личноста со неа е преплавена. Колку повеќе себе си дозволите да бидете тажни, толку побрзо тагата ќе мине. Напнатоста и болката ќе се намалат, за повторно во вас да се создаде простор за радост и нови искуства.

Од помислата дека ќе останат сами, најмногу стравуваат оние кои веруваат дека да се нема партнер е нешто ужасно, дека во таков случај тие би изгледале многу бедно и дека нема да бидат смирени, среќни ако немаат партнер, кој тоа за нив би го направил. Ваквите и слични идеи после прекинување на врската, личноста ја воведуваат во состојба на очајност. Проблемот, секако не е во прекинување на врската, туку во ваквите помисли.

Најголем проблем да бидат сами после прекинување на врската имаат оние личности кои излегуваат од првата долга врска (пред тоа немале друга врска, или немале долга врска) или личности кои имаат пасивно - зависен пристап кон животот. Кога личноста во своето искуство нема искуство на прекинување долга врска, после прекинувањето, преплашена дека после толку време минато во врска нема да биде во состојба да ја толерира осаменоста, тагата и чувствата кои ги има, на кои се сеќава на моментите минати со поранешниот партнер.

Оние пак кои се пасивно - зависни се навикнати, нивното расположение, нивните чувства, активности и нивниот смисол бидат регулирани од страна на други луѓе, најчесто блиски лица во кои се вбројува партнерот. Тие никогаш самите себе не си дозволиле да научат, дека токму тие самите може да го регулираат своето расположение и да управуваат со своите чувства и желби.

Избегнувањето на прекинувањето на врската или паничното барање на нов партнер веднаш после прекинувањето е маневр кој служи да се избегнат сите напријатности кои прекиннувањето на врската ги носи самото по себе. Тие непријатности се чувството на тага, осаменоста, понекогаш и разочараноста. Овие емоции, иако се непријатни, се здрави затоа што ви помагаат да го преболите губитокот и понатака да продолжите. Сите тие непријатни чувства се подносливи и минливи, ако им дозволите да се појават и заминат, односно ако ги прифатите и изразите, без себе си дополнително се вознемирувате. Доколку ги потиснете или негирате само може да си предизвикате состојба на анксиозност или депресивност.

После прекинувањето на врската,  добро е извесен период да бидете сами, за да можете своите емоции да ги изразите, прифатите и обработите за повеќе да не бидете емотивно врзани за личноста со која сте раскинале и да може да си ги средите своите впечатоци и доживувања. Тоа е период на емотивно разврзување. Овој период ќе трае, ако врската ви била подолга, со тоа и врзаноста за таа личност посилна. Но, колку повеќе самите себе си дозволите да тагувате, толку овој период побрзо ќе мине. Овој процес не е толку болен и се одвива етапно и покрај тагувањето подразбира и можност личноста полека да се навикне на живот без партнерот и да повторно пронајде нови рутини, интересирања и активности.

Поврзани блог статии