Како стравот од неуспех и успех ве води кон одложување?

Кога не носите одлука или не превземате акција која е неопходна како некоја работа би била завршена, вие одложувате. На тој начин, се обидувате да го  одбегнете појавувањето на некои непријатни емоции како: страв, тага, срам, бес.
 
Кога имате страв од неуспех и ги одложувате вашите обврски или одлуки, тоа го правите засо цел себеси да се заштитите, односно за да не се соочите со евентуален неуспех. Превземањето акции со себе носи ризик, бидејќи не постои начин однапред да знаете, дали акцијата ќе допринесе кон постигнување успех или неуспех. А вие, со оглед на тоа што не би сакале самиот себеси да се доведете во некоја непријатна или неподнослива  ситуација, ќе се потрудите сите свои активности до максимум да ги одложувате.
 
Во позадината на овој страв се сокрива придавањето релевантност на мислењето на другите. Доколку  имате ниска самодоверба и негативна слика за себе, можноста од другите да  бидете критикувани може да ви преставува ноќен кошмар. Доколку кај вас во основата на механизмот на одложување стои  вашиот страв од неуспех, вие сте „анксиозен-исплашен одложувач“. Но, не можете постојано да одложувате. Што тогаш? Тогаш  за да го избегнете неуспехот посегнувате кон перфекционизам или двојно осигурување.Со перфекционизмот успевате да поставите високи стандарди кои се користат како изговор за одложување.

На тој начин ги одложувате своите обврски и активности се додека не се осигурате дека апсолутно се е на свое место. Притоа, често се водите со она „мора“ да се направи, што подразбира дека  не оставате  место за да почувствуватеа задоволството како во самиот чин, така и во крајниот производ. Се случува и тоа често да работите или учите и тоа повеќе месеци во континуитет да го правите, за на крај кога  обврската ќе ја завршите не чувствувате задоволство заради постигнатото, зошто тоа за себе не сте го правеле, туку за други и за нивното мислење.
 
Двојното осигурување пак, се однесува на  вложување на минимално ниво на труд со цел да се формира сигурносна мрежа  доколку дојде до неуспех (на пример, ќе учите 2 часа пред испит, па ако на него ,,паднете“, ќе имате изговор дека вие не сте ниту виновни, ниту неспособни, зошто кој може да положи испит со 2 часа учење нели?“).

Од неуспех се штитите така што создавате легитимни изговори кои не се однесуваат на вашите лични вредности, туку се производ на надворешни околности.Кон одложување се склони и оние кои имаат страв од успех.Успехот со себе носи поголеми одговорности, повеќе работа, но и поголеми очекувања и дисбаланси во интерперсоналните односи. Во позадината на ова стои вашиот сепарационен страв, страв дека кога  од „масата“ ќе се издвоите ќе треба сами да се соочите со стресови и различни проблеми. Од таму ги одложувате своите обврски за да се заштитите од преголема одговорност и ги задржите постојните односи кои ги имате.
 

Поврзани блог статии