Страв од успех

Сте си поставиле некаква цел која сакате да ја постигнетe, но не успевате? На прв поглед, сѐ работите исправно, нема проблеми, мотивирани сте, а целта е нереализирана. Сте наишле на пречки, кои не сте можеле да ги предвидите кога сте си ја поставиле целта. Оттаму во процесот на поставување цели, на можните пречки мора да им се посвети внимание. Едната од нив е стравот од остварувањето на зацртаната цел. Остварувањето на поставената цел, со себе носи бројни промени, кои имаат далеку пошироки последици, отколку самата цел.

Доколку некој се труди да напредува во работата, а во тоа никако не успева, тоа може да биде последица на неговата реална некомпетентност за работата која ја сака, но и негов страв од тоа во која мера таквото унапредување може да го промени неговиот живот и веќе воспоставените навики. 

Зошто би си поставиле цел, ако тоа раѓа страв? Од две причини: Прво - затоа што работата која ја извршувате, а во неа не уживате, ја третирате како преодно решение до остварувањето на целта (нова посакувана работа, унапредување и слично), Второ - ненапредувањето и неостварувањето на целта, може да ви бидат универзален изговор за сите незадоволства од вашиот живот, а со кои одбивате да се соочите. 

Тоа што често укажува на постоење на страв од успех е:

-проблем во процесот на донесување одлуки и често двоумење да се впуштите во активности и тогаш кога шансите за успех се очигледни;

-тешкотии во решавањето на проблеми кои бараат способности, кои се доста пониски од оние кои ги  поседувате;

-хронично ниско постигнување;

-зголемен број на грешки во работата, после остварувањето на некоја цел, или после примањето на некоја  пофалба; 

-ако се одлучите да работите на себе, ќе се обидувате да ги саботирате промените и да го поништите секој, па  и најмал успех; 

-постојан негативизам и песимизам;

-постоењето на страв од завист;

Сте навикнале да бидете неуспешни, па од тоа имате секундарна добивка - очекувате толеранција, нега и разбирање од своето окружување. Честопати успехот, особено ако сте жена, го поврзувате со осаменоста. Стравувате да ја искажете својата права сила, да живеете живот каков што сакате, затоа што се плашите дека тоа ќе ги одбие мажите, а тоа ќе ве води во осаменост....

Постои  и спротивно мислење, дека успехот ќе привлече голем број луѓе кои ќе бараат пари или други услуги, што ќе ви го наруши постигнатиот мир. Всушност, сето ова говори дека во себе носите погрешни убедувања кои се последица на вашето ниско самопочитување и несигурност.

Поврзани блог статии