Причини за постоење страв од училиште

Родителите, почесто непромислено, знаат на детето да му се заканат со училиштето и наставникот. Крутоста, уцената, заканувањето, удирањето, како и другите репресивни мерки, може да бидат причина за постоење училишен страв. Имено, сеќавањето на казнувањето во домот, лесно може да се преслика на училишната ситуација и да се  пренесе на наставниците.  
               
На страв, повеќе е изложено претерано размазеното и презаштитено дете, особено ако не посетувало предучилишна установа, па останало несоцијализирано, нема социјално искуство, вештини и самодоверба. Со поаѓање во училиште, ваквото дете нагло преминува од свет на безгрижност, во свет на должности, обврски и одговорности. Врсниците не му даваат никакви бенефити, а тоа очекува ист онаков третман каков што дома го имало. Сега за сѐ што му е потребно, ќе треба самото да се избори. А, како за тоа не е ни подготвено, ни научено, не знае да се носи со другите деца, со своите проблеми, со обврски и задачи, почнува да се чувствува загрозено, безпомошно, неуспешно.

На страв од училиште најповеќе се подложни деца, кои не се прифатени од своите врсници, деца кои имаат слабо развиени социјални вештини, лоши односи и лошо искуство со врсниците. Посилните ги прогонуваат, исмејуваат, навредуваат, понижуваат, па се чувствуваат непријатно, болно, јадно, очајно...

Стравот може да се јави заради неговата перцепција дека ќе биде исмејано од другите деца, дека нема да знае да одговори на прашање, дека другите деца ќе го предизвикаат, отфрлат, со него нема да сакаат да се дружат. Тука е стравот од конкуренцијата со другите деца, стравот од оценката на наставникот, од писмени задачи, од одговарање пред табла, или пред други деца. Превисоките очекувања, постојаната трема во испитни ситуации, стравот од негативна оценка, застрашување и заканувањето со казни, особено со физички казни, кај детето развива интезивен страв од последиците кои го очекуваат, доколку не ги задоволи барањата кои родителите му ги наметнуваат.

Честа причина за стравот е и одделувањето од родителите, нивните преголеми очекувања, обемноста на материјалот.

Извор на страв може да биде и изложеноста на детето на физичко и вербално насилство, т.н. булинг, како на патот до, така и на патот од училиштето, за време на одморите. Сето ова води да почне училиштето да го мрази, на настава да се чувствува напнато, па избегнува на неа и да оди, правдајќи се со болест или некои други причини.
 
Стравот може да биде и камуфлиран, во т.н. соматизиран страв, кој најчесто е фиксиран во оделни органи. Децата кои страдаат од страв од училиште, може да бидат деконцентрирани, безволни, демотивирани, анксиозни, агресивни или пак во себе повлечени....

Стравот од неуспех, често е темел на основа кој може да се јават и симптомите на мачнина, мокрење во кревет, несоница, умор, плачливост.

Поврзани блог статии