Детска градинка и страв од губиток и одделување


Стравот од губиток и разделување се зголемува со почетокот на возраста за градинка. Детето, најпрво доживува губиток на оние часови кои инаку ги минувало дома. Сега мора да оди во градинка. Таму може да биде и убаво, но „дали мама ќе се врати?“ 

Детето ја чувствува несигурноста на промената, се плаши затоа што чувствува дека неговиот свет, никогаш нема да биде како порано, па после неколку недели минати во градинка од која било воодушевено, сега сака да остане дома. Што се случува? Се плаши дека ќе остане само. Во градинка, се чувствува како мајката да го напуштила. Тој страв, тешко се издржува, поврзан е со голема болка заради која понекогаш треба и да заплаче, за болката да попушти.

Во таквите преодни фази, детето е изложено на голема внатрешна напнатост, која влијае на останатите аспекти на неговото однесување. Од таму, дома не се осудува никаде да оди без мајка му, се држи до неа и непријателски е расположено кон неа, затоа што го напуштила. Во суштина, детето се соочува со сепарациона анксиозност, која значи страв од напуштање на емотивно блиските лица, или домот на детето. Таа е нормална во период од 24-36 месечна возраст. Одреден степен на непријатност при одделувањето е нормален, како и повремените одбивања да се оди во градинка.

Сепарационата анксиозност станува патолошка кај деца кои се посебно чувствителни на одделување од за нив блиските лица (оние со кои детето е емотивно поврзано). Екстремната непријатност заради сепарацијата, може да добие размер на паника. Тогаш, може да му се појави тахикардија, болки во стомакот, главоболки, мачнина, повраќање. Детето се плаши дека ќе се случи катастрофа ако се одвои од родителот (родителот, или детето, или двајцата ќе доживеат нешто страшно). При обид за сепарација, детето остро се спротиставува со сите средства, што обично резултира со останување со личност кон која е приврзано, со што на ваков начин одбегнувачкото однесување е потикнато.

Како вие како родители на детето му одмогнувате? Ако вербално и невербално (со многу говорење за симптомите на страв, или со постојаното истакнување на проблемот), го поттикнувате однесувањето кое е засновано на страв. Одмогнувате, кога не сте јасни во одлуката дали детето треба или не да оди во градинка. Или, кога сте анксиозни или лути заради сепарациониот страв на детето. Кога сте во конфликт со партнерот заради истата оваа сепарациона анксиозност, како и со ситуации кога ненамерно го поттикнувате сепарациониот проблем.
 
 

Поврзани блог статии