Вие и вашата негативност

Сакате нешто да промените а сепак во тоа не успевате? Кога тоа ви се случува, во себе сте ја почувствувале силата на негативноста. Таа ваша негативност како ваша несвесна намера, ќе може да ја забележите во сите делови од вашиот живот каде се чувствувате неисполнето.

Вие свесно можеби мислите или говорите дека сакате да ви се случуваат вистински нешта: љубов, среќа, работа која исполнува или креативно сопствено изразување. Зошто тоа не можете да го имате, да го постигнете, дури и тогаш кога тие нешта јасно сте ги формулирале и сте одредиле кои чекори треба да ги превземете? А дали притоа сте ги откриле вашите „гласови“, кои непрекинато во себе ги слушате? Тоа се вашите негативности. За какви „гласови“ станува збор? Така на пример, во себе може да го слушнете „гласот“ кој ви кажува како не се исплатува ништо од себе да дадете, затоа што другите тоа не го ценат. Луѓето ќе ги казните така што ништо нема да им дадете. Така ќе станете моќни. Или „глас“ кој кажува како сакате да бидете виновни и жртва, што е многу полесно од тоа да станете  одговорна личност. Или како имате намера да останете несреќни и незадоволни, за да ги повредите, за да ги казните оние кои ве сакаат. „Гласот“, може да ви сугерира дека е најдобро ништо да не чувствувате или да ви кажува како сте лоши и  како во животот не заслужувате љубов или добрина.

Ваквите негативни намери се создадени во детството како одбрана од болката, затоа што светот е доживеан како непријателски и болен. Или дел од тие негативни убедувања, создадени се од масовното мислење како животот е борба и дека за да бидете среќни треба да бидете посилни од другите и дека мора да одите по својот пат.

Како да се справите со сопствената негативност? Превземете ги следниве чекори: 

1. Согледајте  и признајте си дека не сте совршени. 

2. Негативните црти во вас гледајте ги објективно, сочувствително,без осудување, во позиција на објективен набљудувач, кој знае дека колку и да е големо злото во него, дека може етапно да го трансформира. Во спротивно, ќе се појави болка,страв или други негативни емоции.

3. Замолете некој кој добро ве познава и на кого ќе му се ,,отворите“ и ќе го замолите да ви го каже своето мислење за вас. Да се биде дури и само со еден човек она што си, без маска, само по себе делува исцелувачки.

4. Секоја вечер, кратко запишете ги оние ситуации кои во вас предизвикале негативни чувства. По извесно време ќе забележите како постои  образец, односно шема која непрекинато се јавува, а која  е во склад со несвесните верувања од детството. Колку една повреда во несвесното подлабоко е закопана,толку таа  врз вашето однесување има подлабоко влијание (пример, мора за другите по секоја цена да се грижите - улога на жртва. Или, не смеам да ги покажам своите потреби за да  подоцна во животот се чувствувате неисполнето, затоа што не ги покажувате своите потреби, ниту за нив сте свесни, па другите и не знаат дека ги имате. Така, во животот одново и одново ви се потврдуваат вашите криви несвесни заклучоци создадени во детството). Вака доаѓате до оној дел од вашата личност кој е несвесен. Заради ваквите незрели црти кои во себе ги имате, секогаш  во животот привлекувате  одредени ситуации и поединци, а за тоа и да не сте свесни.      

5. Кога сте ја разбрале шемата, дури  тогаш почнува вистинската работа.

Да се пронајде шемата, да се разбере и емотивно да се разреши е долготраен процес. Значи, ако себе се прифатите во целост, такви какви што сега сте, добивате шанса за растење, а со тоа се зголемува вашето самопочитување и љубовта кон себе. За сами себе си да се запознаете на едно подлабоко ниво, мора себе да си дозволите сите ваши чувства да  станат свесни за да можете да ги разберете.Така си го овозможувате своето  лично растење.

За жал, емоциите се најзапоставениот аспект на личноста и тие ретко складно се развиваат со нашите други два дела - физички и ментален. Оној,  т.н. негативен дел од вашата личност, или ранетото дете во вас го сочинуваат незрели чувства, кои сега во возрасниот период прво треба себе да си ги признаете, а потоа конструктивно да ги проживеете.Само така  тие ќе можат да се претворуваат во својата спротивност - омразата во љубов, слабоста во сила итн.
              
Што се случува, кога  во животот не  функционирате со своите вистински чувства (колку тие да  ви изгледаат за незрели), а на себе ставате различни маски? Се случува како возрасен, да не бидете свесни дека расплаканото, луто, безпомошно и полно со барања дете, во вас уште постои. Тогаш мислите дека ви е потребна друга личност која ќе ви даде дозвола да чувствувате  и дејствувате. Станувате зависни од надворешни авторитети и ситуации и од нив очекувате да ги исполнат вашите потреби и желби.