Кога имате чувство на непостоење

Недостатокот на доживување на самиот себеси, чувството како да ве нема е епицентар на многу емотивни проблеми. Како се создава? Во детството. Многу родители го растат своето дете, непочитувајќи го неговиот свет. Покрај физичкото, присутно е и психичкото насилство, од типот на: игнорирање, запоставување, развивање чувство на срам, или добивање на контрадикторни пораки - дека некој всушност за него се грижи, а не се грижи. Не е доволно родителот да го храни детето, да го води во градинка, училиште, да му пружи сè во материјален смисол, да се фали со неговите успеси и слично. Потребно е да минува квалитетно време со него, кон него да има емпатија, со него да разговара, да го почитува, разбира.

Детето може илјада пати да чуе дека го сакате, но ако тоа го кажувате „попатно“, како фраза, или награда, тоа доживување на љубов, останува празно. Од таквото родителско однесување, детето извлекува заклучок дека секогаш нешто е поважно од него или дека заслужува внимание само ако биде добро, односно дека ќе биде сакано, ако е добро дете. А никој, особено децата не можат постојано да бидат само добри. Така, кај детето се развива чувство како да го нема ,кое кога ќе порасне, се обидува да го искомпензира на различни начини: со премногу работење и обврски, со постојано оптеретување што другите за него мислат.

Кога човек нема доволно стабилно чувство за самиот себеси, тогаш има силна потреба за потврда од другите. И така, се влегува во затворен круг. Кога таквото дете ќе стане родител, тој ќе биде грижлив и на своето детето сè ќе му обезбеди, освен она што му е најпотребно-потврда дека е сакано. Едноставно, затоа што тоа самиот не умее да го направи. Она што сами не го поседувате, не можете да му го дадете на своето дете. Детето за да се справи со чувството како да го нема, се обидува таа празнина со нешто да ја пополни. Затоа, детето фантазира за љубов, идеализира...

Истото тоа го прават и возрасните. Типичен резултат на ваквите емотивни полнења е вљубувањето во погрешна личност, во личност чии квалитети мора да ги измислувате, за да ја одржите илузијата на љубов. Со време, во таа љубов ве има сè помалку и помалку, бледнеете, се губите, за водени од несвесната емотивна порака да се вратите во својата почетна состојба - како да ве нема. Логиката овде не помага. Рационално гледано, може да сте свесни дека таквиот партнер не е тоа што ви е потребно, дека не ви ги задоволува потребите, не ве разбира, ве малтретира, и дека сето тоа заедно никаде не ве води, а  сепак во тоа да останувате.

Вашиот ум, може да ви создаде илузија на љубов, ако таа очајнички ви е потребна. Но, ако сакате квалитетно да го проживеете сопствениот живот, да не лутате низ просторот и времето како да ве нема, треба да научите да се прифатите самите себе и тогаш кога не сте идеални. Ако ова сами не знаете како да го направите, побарајте стручна психолошка помош.