Способност за донесување одлуки

Кај различни луѓе, способноста за донесување одлуки е различна. Има поединци кои пребрзо донесуваат одлуки, без премногу размислување, односно импулсивно. Има и други, кои се хронично неодлучни. Тие, секојдневно се оптеретени со низа, за нив невозможни избори.

Зошто на некои им толку тешко да ја прифатат неизвесноста која со себе ја носи одлучувањето, па стануваат хронично неодлучни? Стравот од погрешен избор и ниската толеранција на неизвесноста, прават една низа од други негативни чувства. За некои, подобар избор им изгледа оној кога го носат товарот на неодлучноста, отколку тоа да е товар на погрешно донесена одлука.

Проблемот на неодлучност подобро ќе се разбере, ако најпрво се разбере што е тоа што е основа, за некои поединци може да носат одлуки без никакви проблеми. Кога било кој ќе се најде пред некој избор, тој бира одредена опција на основа на сопствените потреби и проценки за тоа која опција повеќе ќе му одговара. Но, колку и едноставно да звучи, во основа познавањето на сопствените потреби и правењето јасни разлики меѓу она што ви одговара и што не ви одговара, е уште една способност која се развива и вежба.

Во најголем број случаи, оваа способност се развива уште во детството, за да во возрасниот период, таа се подразбира и се доживува како универзална и дадена. Неодлучноста, често се сретнува во ситуации кога личноста е пред големи животни одлуки и токму тогаш,  непрепознавањето на сопствените потреби е најочигледно. При донесување на одлука зад секоја опција се наоѓаат различни потреби, кои личноста во себе мора да ги анализира и процени. Оние кои умеат да донесат одлуки без преголема неодлучност, се всушност оние кои умеат самите себе добро да се проценат, а потоа и резултатите до кои одлуката ќе ги донесе. На жалост, повеќемина тоа не умеат да го прават. За носење одлуки од клучна важност е и чувството за сопствен идентитет. Ако знаете што сте, ќе знаете што сакате. Без цврсто чувство за себе и сопствениот систем на вредности, носењето на било каква одлука, станува проблем.