Дисфункционално реагирање на разочараноста

Кога луѓето се разочарани, најчесто реагираат дисфункционално. Еве некои модели од нив: 

1. Одрекување. Говорите: „ништо не ми е“. На овој начин се обидувате да одречете дека некој настан воопшто ве засегнал , или дека се случил.  Може да изгледате весело, да се дружите, што не е ништо друго туку само обид да се избегне соочувањето со повредените чувства со кои никако не сакате да дојдете во контакт.

2. Зависност, од типот на алкохолизам, дрога, прејадување, коцка, промискуитетност и слично. На овој начин, можете привремено да се опуштите, но необработените емоции повторно ќе се вратат. Ова од вас ќе бара да трошите огромна количина на енергија и да бидете постојано активи, за што не сте подготвени.

3. Одбегнување на вложување. Ги негирате своите чувства или потреби за чие неисполнување сметате дека може да бидете разочарани. Говорите дека не сте повредени, на пример што сте ја прекинале врската, сте ја изгубиле работата, не сте го завршиле факултетот и сл. Ги одбегнувате сите цели и желби за да се заштитите од ризикот да бидете разочарани. Ова, иако времено ќе направи да имате чувство на самодоворба, на долгорочни патеки, само уште повеќе ќе ве разочара и тоа разочарување ќе биде уште поголемо од оние на кои дотогаш сте успеале да им побегнете.

4. Агресивно-префрлање на одговорноста.  Кога на разочарувањата вака реагирате, обземени сте со чувство на лутина, бес, омраза. Овие чувства ги насочувате кон надворешниот свет. Може да викате, трескате, да ги фрлате предметите, да се заканувате и да барате „праведност“. Енергијата која некогаш сте ја вложувале за остварување на своите цели, а кои се изјаловиле, ја насочувате на реванш, освета, инает. Надворешно гледано, може да изгледате многу успешно и надмоќно, но ви фали автентична самооствареност.Победувате, само на другите да им докажете дека згрешиле, да им вратите „мило за драго“, или да ги направите наспроти вас мали, исти онакви какви што и самите порано сте биле.

5. Пасивно депресивни реакции. Се откажувате после првиот неуспех. Не верувате дека работите можат да бидат и поинакви, не верувате дека имате капацитети дека и после неуспехот се ,,вратите“ и нештото го направите како треба. Иако и понатака копнеете за исполнување на своите цели, за тоа фантазирате, од сè се откажувате, убедени дека никогаш нема да може да ги остварите. Претераната самокритичност, ниската самодоверба ве демотивираат да се откажете пред да и почнете. Се самосожалувате и се обидувате на другите да им ја доловите својата немоќ. Ги губите очекувањата, а кога нив ги нема, ги нема и разочарувањата. Но она што останува, е преголемата празнина.

Доколку кога самите со себе или со другите сте разочарани, немате свои цели, демотивирани сте, разочарувањето ви е болно и реагирате на некои од опишаните дисфунционални модели, ве советуваме да побарате стручна психолошка помош.