Социјално-анксиозно пореметување


Вознемирени сте, полни со сомнежи, плашливи, секогаш како да стоите настрана. Не ги сакате осветлените места, како што не сакате ниту да бидете видени од други, ниту вие нив да ги гледате. Не сакате да се дружите, затоа што стравувате како таму другите ќе ве набљудуваат. Кога ќе се вознемирите, односно кога ќе се сретнете со социјални ситуации кои ве плашат (иако знаете дека таквиот страв е претеран), умеете да се поцрвенете, да се препотите или да се тресете. Сето ова говори дека страдате од социјална анксиозност.

Заради овие и слични симптоми, сè повеќе се повлекувате, а тоа ве води во изолација, социјално осиромашување, осаменост...Чувствувате последици на сите полиња од вашето живеење, затоа што одбегнувате да преземете сè што ве води кон некаква социјална интеракција со други лица. Може да го напуштите понатамошното образование, работата, хобито, спортувањето, или ако останете во сето тоа да бележите слаби резултати.

Интезивен страв доживувате кога некој ве критикува, оспорува, кара или обезвреднува во различни социјални ситуации или кога треба да имате средба со некои лица или со некакво социјално постигнување.

Ви недостасуваат социјални вештини кои или не сте успеале да ги развиете или пак истите се недоволно развиени. Но, ова и сега со тешкотии успевате да го направите, затоа што ве следат негативни проценки од околината, па вие наместо да се насочите на работење на стекнување или обогатување на сопствените социјални вештини, се повлекувате.

Ви недостасува самопочитување и треба да се работи на вашето незадоволство со себе, на вашата несигурност, нервоза, напнатост, срамежливост од луѓето воопшто, како и на вашиот страв од авторитети, од јавен настап било тој да е во форма на пасивно покажување или говорење пред публика.

Тука спаѓат и вашиот страв од јадење и пиење пред други или работење во присуство на други, страв од испит, страв дека не изгледате или не се однесувате како треба. Имате и страв од губење на контрола како страв од црвенење, помокрување и неконтролирано дефицирање.