Маските кај некои луѓе


Маската -  лажниот идентитет кои некои луѓе пред другите и пред самите себе, ја носат за да остават одреден впечаток и да го сокријат сопственото јас. Може да ја покажуваат затоа што не е толку повредлива. Колку подолго ја носат, толку е потврда. Може да биде студена, груба, камена, безгрижна, накитена, сјајна... Може да биде постојано насмеана и полна со внимание, силна и надмоќна, мирна и недопирлива. На пример, зад маската на добра и секогаш услужлива личност се сокрива агресија и обвинување, зад силна  личност страв и суетност.

Таа е тука за да ве штити, создадена е како одбрана од болка и фрустрации, запоставувања. Маските се градат од вашите несвесни одбрани кои најчесто датираат од вашето детство. Таа не е ништо друго, туку кодирана детска повреда. Зад вашата маска која е фасада за гледање, го сокривате сопственото  луто, тажно, повредено, неприфатено дете, кое вие сте го одредиле како ваше „лошо јас“...

Вашата маска, не е реална и затоа постојано бара себе - потврдување во очите на другите. Сакате да погледнете што се сокрива позади неа, но стравувате тоа да го направите, затоа што предолго ја носите или затоа што таа со текот на времето, како да почнала вас целосно да ве превзема, така да живеејќи ја улогата што си ја задале, полека сте ја заборавиле својата вистинска природа.

И така, сè до моментот кога ќе се соочите со соптвената  внатрешната празнина, тескобност и незадоволството што зад маската сте ги сокривале, а кои веќе толку пораснале, така што почнуваат неподносливо да ве притискаат. Тогаш, посакувате маската да ја извадите и подлабоко себе да се осознаете. Но, тоа „длабоко“ ве плаши, ве плаши помислата: „што ако под маската нема ништо, освен празнина?“.

Потребно е да се освестите, дека маската не ве води таму каде сакате да стигнете - до вашиот мир, самодоверба, задоволство. Сфатите, колку и да е застрашувачко да се соочите со сопствената внатрешна празнина, депресија, стагнација, беспомошност, или било што под маската се сокривало, сепак новото искуство што притоа ќе го го стекнете вредно е за тоа да го направите.

Иако силните ќе се почувствуваат - слаби, добрите - лоши, ќе разберете колкава енергија сте потрошиле да ја одржете маската, што на крај резултирало со  себе - обезвреднување. Кога маската ќе падне, многу нешта ќе ви се разјаснат, а долгогодишните проблеми одеднаш ќе ви станат решливи. Ќе се разбудат вашите креативни способности, кои детето во вас ги носи. Тоа, во вашиот живот ќе внесе спонтаност, непосредност, леснотија. Животот ќе ви стане поинтересен, а односите поискрени.

Обидете се во текот на денот по неколку пати да се запрашате: „дали се однесувам така како се чувствувам?“ Кога ќа се појави лошо чувство, потсетете се, дали такво или слично чувство било присутно во вашето детство. Поврзете ја динамиката на семејните односи и проблематичните односи кои во сегашноста ги имате. Свесно откажете се од однесувањата кои ја подржуваат маската. На пример, кај маската на моќ- во некои ситуации покажете слабост, или кај добрина - престанете постојано да им удоволувате на другите.