Автодеструктивно однесување

Автодеструктивното однесување често се поистоветува со самоповредување, што не е точно. Точно е дека самоповредувањето преставува најекстремна форма на автодеструктивност, но таа може да се јави и низ други форми. Еве една секојдневна форма на автодеструктивност - кога самите ќе се прогласите за неадекватни за некоја работа (секако се исклучуваат работите за кои не сте компетентни). Автодеструктивно се однесувате, кога однапред за некоја работа ќе кажете како таа ги надминува вашите капацитети за решавање на проблемите, а притоа не сте се ни обиделе нешто конкретно да направите или да се соочите со вашиот стрес и со него се изборите. Наместо тоа, задачата која ви е дадена ја карактеризирате како нерешлива и од неа се откажувате.

Автодеструктивно се однесувате и кога правите несвесни обиди од себе да ги избракате другите. Овој механизам често се користи за прекинување на емотивните врски. Кога на ваков автодеструктивен начин се однесувате, чувствувате како од некоја причина не сте способни за врска или дека врската не ја заслужувате и условено го бркате партнерот од себе. Тогаш се однесувате како да не сакате на партнерот да му „наштетите“, па и затоа може не само да ја прекинете врската, туку и да одбиете да започнете нова врска. 

Дури и личностите кои се сметаат за успешни, може да ја користат автодеструктивноста за да ги саботираат своите успеси. Причина за ова може да биде убедувањето дека не се вредни или дека успехот не го заслужиле, или дека имаат потреба повторно и повторно да го проживуваат патот до успехот.

Кои се причините за автодеструктивноста? Често, таа е форма на самоказнување, кое е одговор на личните неуспеси (иако тие неуспеси може да бидат само така доживеани, односно да не се задолжително и реални). Може да биде поврзана со чувството на себе омраза, со ниската самодоверба и со лошото мислење и слика што ја имате самите за себе.

Автодеструктивноста тесно е поврзана и со чувството на отуѓеност. А човек кој е отуѓен постојано е под стрес, повеќе е нервозен од опуштен, повеќе мрзоволен од задоволен, повеќе депресивен од радосен, независно какви и да се неговите професионални постигнувања. Човековата природа неможе да ја поднесе трајната напнатост и непогодност и оттаму неговиот организам  наоѓа  излез во изопачување на сопствената емоционлност.

Сите понекогаш сме се однесувале аводеструктивно и тоа не е ништо алармантно. Автодеструктивноста станува доволна причина за грижа кога ќе сфатите како ве попречува во вашиот секојдневен живот, раст и развој, во комуникацијата со другите, односно во сè што ве прави среќни, задоволни и што ви дава чувство како вашиот живот има цел и смисол.