Емотивна манипулација со чувство на вина


Манипулацијата станува емотивна уцена кога зачестено се користи, за уценувачот да ве примора да ги задоволувате неговите барања, а по цена на вашите лични желби и на сè што за вас е добро. За ова да го постигне, користи различни механизми меѓу кои е овој - ви наметнува чувство на вина.

Кога е во прашање незаслуженото чувство на вина, каењето што го чувствувате нема многу врска со идентификацијата и исправање на лошото однесување. Ова чувство на вина, во себе содржи самообвинување и парализирачко самоказнување. Процесот кој создава незаслужена вина изгледа вака: вие делувате, а другата личност се вознемирува. Врз себе ја превземате целокупната одговорност, затоа што другата личност е вознемирена, независно дали имате некаква врска со тоа или немате. Се чувствувате виновни. Ќе направите сè да ја поправите ситуацијата и да се чувствувате добро.

Незаслужената вина, можеби нема никава врска со вашето повредување на некој друг, но има интезивна врска со вашето убедување дека некого сте повредиле. Емотивниот уценувач ве поттикнува да превземете општа одговорност и за нивното жалење и нивната несреќа и работат на репрограмирање на вашите основни и неопходни механизми за да кај вас креираат незаслужена вина. Ефектот е силен. Вината што ви ја наметнуваат, го напаѓа вашето доживување на самите себе, го напаѓа вашето доживување дека сте личност која е вредна за да биде сакана, почитувана.

Се чувствувате одговорни за болката што уценувачот ја чувствува и му верувате кога ви говори дека му создавате јад, со тоа што не им удоволувате на неговите желби. Тоa, најбрзо кај вас ќе создаде чувство на незаслужена вина, така што за сè што нему му се случува, вас  дирекно ќе ве обвини. Тогаш ќе почнете себеси да се обвинувате, независно дали сте направиле или не сте направиле нешто со што би го заслужиле тоа чувство. Понекогаш, само ќе видите дека нема никаква врска меѓу обвинувањата и реалноста, но, во многу случаи прво ќе се извините, па дури потоа ја проверувате логиката на уценувачот. Некогаш дирекно ќе ви каже дека сте виновни, а понекогаш тоа вербално нема да го изрази, но ќе го препознаете дека е постојано присuтно и кон вас насочено, независно за што и да станува збор.

Виновни сте ако тој /таа е незадоволен со работата, со филмот кој го изгледал, со јадењето, пиењето, со настинката, со неговата  нерасположеност, со спиењето, со неговите  пријатели....Кога гледате ваква листа, сигурно воочувате дека тоа со вас нема никаква врска. 

Но, често не ја препознавате вистинската природа на пораката која ве збунува, затоа што и вие како и повеќето други, подготвени сте врз себе да го превземете чувството на вина, кога личноста која ви е блиска е исплашена. Уценувачот, едвај ќе дочека да ви објасни како и зошто вие ја носите целокупната одговорност за ситуацијата и зошто тој барем ни малку за тоа не е одговорен. Сфаќате дека сте обвинети и вашето чувство на вина работи без никави проблеми. Кога уценувачот ќе сфати дека со вината што ви ја наметнува, си ја постигнува целта, тука времето станува небитен фактор. Ако некој настан не се случил неодамна, тој/таа без проблем ќе ви ,,прикачи“ нешто од минатото. Не постои ниту еден неискористен настан, а за уценувачот  да не е идеален, да ви создаде чувство на вина.

Што и да направите со цел да си го олеснете товарот на вината (извинување, постојано угодување, пренагласена грижливост, умилкување и сл.), не  само што уценувачот нема да го омекне, туку напротив тој само ќе ги зголеми неговите барања. Тој, никогаш нема да ви дозволи да заборавите што сте направиле, како што нема да ви дозволи заради вината, вие да се обидете да го корегирате сопственото однесување.

Уценувачот дозволува вашиот меѓусебен однос да опстои, но ја ништи довербата и интимноста на односот. Од таму вреди да размислите, дали со ваква личност навистина сакате да сте во неккава релација. Ако одговорите потврдно, тогаш во пра шање е неква  ваша патологија. Но, ако сакате да излезете од тој однос, а не знаете како тоа да го направите,  потребна  ви е стручна помош. Како и да е и во двата случаи побарајте стручна психолошка помош.