Како да ,,подигнете“ емотивно здраво дете?


Ако сакате да подигнете емотивно здраво дете, трудот кој го вложувате е вреден труд, затоа што кога детето поседува ментална и емотивна сила, ќе може полесно да ,,излезе на крај“ со животните предизвици. Емотивно здравите деца се поотпорни и поспособни да се опорават од неуспесите и разочарувањата. Својата автентичност, поефикасно ја чуваат.

На децата, може да им помогнете да го опфатат целиот континум на емоции низ кои минувале или ќе минуваат, од позитивни до негативни. На тој начин, им помогате да формираат повеќе позитивен поглед на светот. Ако на децата им помогнете да ги прифатат емоциите кои ги чувствуваат и им помогнете да научат како на соодветен начин со нив да излезат на крај, тогаш сте направиле уште еден значаен чекор во насока на развивање автентична личност. Во смисла на ова еве неколку чекори кои може да ги превземете, за да им помогнете на своите деца да ја развијат својата емотивна благосостојба:

1. На децата, треба да им дадете до знаење дека имаат право на свои емоции, дека е сосема нормално да бидат лути, тажни или фрустрирани и дека е во ред тие свои емоции со други да ги споделат. Дајте им можност своите емоции да ги изразат, а притоа да не стравуваат од осуда или казна. На тој начин, ќе им ја зголемите нивната емотивна стабилност, затоа што имаат соодветно вентилирање, издувување. Да се изразат емоциите е здраво.

2. Поразговарајте со децата дека нивните чувства се нешто кое што ним им припаѓа. Нивната тага или гнев, не е нешто што друг ги предизвикал. Не се лути затоа што некој друг ги налутил. Лути се или тажни, затоа што избрале така да реагираат. Емотивните реакции кои луѓето ги покажуваат, се поттикнати со толкувањето кое им го давате - значењето кое на некоја ситуација и го препишувате и вашата соодветна реакција на тоа толкување. Со други зборови, вашите емоции произлегуваат од значењето, кое на ситуациите им го препишувате. Со помагање на децата да ја разберат таа врска, може да им помогнете да станат одговорни за своите реакции на стресни ситуации и животни проблеми. Независно од тоа каква е ситуацијата, секогаш постои можност да се избере како ќе реагираат.

3. Почитувајте ги потребите на своите деца да страдаат, да бидат лути, насамо да плачат, да бидат среќни.

4. Како и во сите други аспекти на целисходно воспитување, мора да претставувате пример на емотивна и ментална стабилност. Сите очи кон вас се вперени, особено во моменти на стрес или криза. Бидете пример. Децата ќе се сеќаваат на вашата сила, отпорност, начинот на кој сте успевале работите да ги држите во своите раце и тогаш кога изгледало како целиот свет се руши. 

5. Децата поттикнувајте ги да  изразуваат различните чувства кои ги имаат и учете ги како со нив да ,,излезат на крај“.


Со повозрасните деца може да ја направите и следнава вежба:

1. Замолете ги да наведат во последниве шест месеци, кои од следниве чувства ги имале: лутина, среќа, страв, задоволство, радост. Или пак ужас, возбуденост, фрустрација, загриженост, паника. Или задоволство, сатисфакција, пријатност, иритираност, притисок. Или жалост, застрашеност, вознемиреност, тага, престрашеност (ако не ги разбираат терминиве, појаснете им на што се  мисли).

2. Потоа да наведат во кои ситуации  ги доживеале тие емоции.

3. Како со нив излегле на крај и како се чувствувале во врска со начинот на кој се снашле.
 

Поврзани блог статии