Страв од сопствените непријатни чувства


Кога не ја прифаќате одговорноста за своите чувства низ вашето однесување и искуство, манифестирате емотивна незрелост. Сето ова е резултат на вашиот страв од непријатните чувства што ги имате, кои сте ги создале и научиле уште во детството, а сте ги потиснале. Дека навистина нешто потиснувате, како основен знак може да ви послужи физичката непријатност што ја чувствувате-чувство на стегање, благо грчење, болка, па дури и печење. 

За да го одбегнете соочувањето со вашите непријатни емоции, најверојатно ја применувате техниката на префрлување на одговорноста врз друга личност и барањето грешки во нејзиното однесување. Дури и кога објективно сте во право, ако кај себе приметите како размислувате за постапките или недостатоците на друга личност, проследено со непријатност во телото и замислување, што со задоволство би и кажале, бидете сигурни дека на овој начин се обидувате да го одбегнете чувството на страв, вина, или помала вредност. Така, на незрел начин се обидувате да се почувствувате подобро самите со себе. Што сте изгубиле?

Ако го споредите вашето однесување со однесувањето на емотивно здраво дете, запрашајте се, колку уште ви останало од неговата радозналост, разиграност, подвижност, отвореност, енергичност, доверливост, нежност, животна радост?  Колку верувате дека тоа може да го вратите? Тоа се ваши изворни особини, кои не можат да бидат уништени. Сте ги „откинале“ со потиснување како резулатат на непријатните искуства и ограничувачки убедувања.

Запознајте ги вашите чувства. И непријатните се подеднакво важни како и пријатните. Доколку не сте во состојба да имате контакт со сопствените чувства, тогаш вашето однесување е незрело. Не само што не разбирате, зошто нешто правите или не правите, туку е неразвиено и вашето сочуствување со другите, односно не умеете да се соживеете со нивните чувства.

Понатака, не сте во состојба ни да сочувствувате самите со себе, не умеете да бидете искрени спрема себе, па од таму не ви е развиено самопочитувањето. Ако сте одвоени од своите чувства, ќе може да ја препознаете само онаа најсилната. Тогаш ситуацијата може да ја гледате само од ограничена перспектива, што мотивира несоодветно однесување кое предизвикува непотребни конфликти.

Вежбајте и тоа секојдневно да ги набљудувате своите чувства. Особено оние кои не се така интезивни. 

Поврзани блог статии