Кога имате потреба на сите да им се допаднете


За почеток, одговорете на следниве прашања:
1. Дали тешко прифаќате кога некој има за вас лошо мислење? 
2. Дали чувствувате потреба да се прилагодувате на мислењето на мнозинството? 
3. Дали имате потреба да ги докажувате сопствените квалитети, на оние лица кои инаку вас ве сметаат за неквалитетна  личност? 
Доколку на сите три прашања сте одговориле потврдно, се наоѓате во состојба на потреба на сите да им се допаднете.

Оваа состојба, најчесто се јавува во периодот на доцните дваесети и во текот на триесетите години, кога ќе се најдете во расчекор помеѓу она што што мислите дека би требало да бидете и она што сте. И ова, не се однесува само на доживувањето на самиот себе, туку и многу пошироко.

Во главата настанува конфузија, затоа што луѓето не се однесуваат онака како што би „требало“ да се однесуваат, а и светот не е онаков каков што би „требало“ да биде. Со таква разнишана слика за себе, за другите, за светот, почнувате да се самобарате. А тоа барање, помеѓу останатото се манифестира и низ вашето трагање за себе, во очите на другите.

Со желба другите да ви покажат или потврдат кои сте навистина, почнувате на тие надворешни погледи да им придавате преголема важност. Вашето секојдневие нуди безброј примери за сето ова. Еве два од нив: сретнувате две личности од кои едната е отворена и срдечна, а другата отрлувачка и критичарска. Се ,,фаќате“ самите себе, како ви е многу важно што оваа втората  мисли за вас, додека првата нема ни да ја забележите.

Или втор пример: имате претпоставен кој е лош менаџер или на некој начин е примитивен, а сепак неговото неодобрување силно ве погодува. Ова е затоа што неговата положба ве потсетува на фигурата на родител, па така имате чувство како од неговото мислење за вас, ви зависи вашата егзистенција. Од таму морате да се „докажувате“, за да ја добиете потврдата за сопствените квалитети. Слично е и со првиот пример. Од отфрлувачката и критична личност сакате да ја придобиете нејзината поддршка и одобрување, затоа што не можете да го прифатите болниот факт дека не и се допаѓате. 

Секогаш кога трагате по лица, а нив ги има безбројно многу, за кои мислите дека ќе ви ја задоволат оваа потреба да им се допаднете, се трудите да се промените себе си во согласност со нивните критериуми, а притоа и нема да  забележите како во пакет со ова, сте ја загубиле сопствената индивиуалност, станувајќи некако просечен. 

Вашата потреба на сите да им се допаднете, само е показател на тоа како сами на себе не си се допаѓате. На крај, треба да се помирите со фактот дека не е ни потребно, а  е и невозможно, на сите да  им се допаѓате.

Поврзани блог статии