Интуитивни претчувства за другите


Интуицијата е вашата најсилна емоционална алатка. Со нејзина помош може да се донесуваат многу корисни претпоставки во ситуации кога не ни се достапни сите факти.

Во вашиот секојдневен живот, постојано се обидувате да го разберете однесувањето на другите. Кога со некоја личност имате лоша комуникација, присилени сте да погодувате што се случува во нејзината глава. Најчесто, не ги прашувате зошто го прават тоа што го прават. Дури и кога би ги прашале, не би добиле веродостоен одговор. Ако сакате да откриете зошто луѓето постапуваат на одреден начин, често морате да се потпрете на вашата интуиција.

Но, интуицијата не прави секогаш вашите заклучоци да бидат исправни, па тие мора да се проверат и да се модифицираат за да се сложат со она што навистина се случува. Бидејќи голем дел од она што се случува во вашиот емотивен живот е мрачно и негативно, вашите интуитивни претчувства за луѓето исто така се мрачни и негативни. Се плашите дека другиот мисли како сте мрзливи, глупави, грди или како сакал да види како ви се случува нешто лошо...Често, овие стравови се димензионираат, но имаат и некое зрно вистина. Ваквите негативни интуитивни претчувства, ако се остават така, без да се проверат во однос на реалноста, може да се претворат во „параноидни фантазии“(овде не се мисли на параноја како психоза, како илузија на прогонување), туку како една изменета свесност предизвикана од вашата интуиција. 

И вие, како и сите други, не сте свесни за многу работи, за кои шо никогаш не се зборува или се негирани од другите. Ако не ги откриете вашите интуитивни претчувства и ако не ги проверите, ви останува само да погодувате за мотивите на другите, а тогаш овие претчувства може да се развијат во „параноидни фантазии“ и неизречени чувства на огорченост. Оттаму интуитивните претчувства треба да ги обелодените и да проверите дали се точни, пред тие да ги уништат вашите односи со другите. Кога нешто чувствувате, а тоа се негира имате две можности: или да го заборавите она што интуицијата ви го предочува, или пак да истраите во вашата идеја.Ако продолжите да добивате само негирање и неприфаќање на вашите интуитивни заклучоци, може да се случи вашите напори да откриете што се случува, да ве доведат во голема заблуда, особено ако имате голема фантазија. Повеќето од вас имаат стравови што ве спречуваат да признаете дека интуитивните заклучоци на другиот се точни.Таквото признание би можеле да го протолкувате како знак на преголема транспарентност и слабост од ваша страна, или пак да не бидете подготвени да ги повредите чувствата на другата личност.

Во секој случај, кога се соочувате со интуитивни заклучоци на некој друг, мора да ја надминете својата неподготвеност и да барате нивно потврдување.